250 гр. мелено месо
1½ главица кромид
1 зелена пиперка
1 црвена пиперка
2 чешниња лук
1 лажица ситно сечкан свеж магдонос
150 мл. доматно пире
1 лажичка мелен бибер
½ лажичка кумин
1 лажичка буковец
300 гр. брашно
7 гр. сув квасец
½ лажичка шеќер
брашно по потреба
сол
Пред да почнете со подготовка на рецептот, плехот на кој ќе печете ставете го на најдолното ниво од рерната па вклучете ја рерната да се загрее на 250°C.
Во длабок сад измешајте ги брашното, квасецот и шеќерот па во нив додадете 180 мл. млака вода. Промешајте со силиконска шпатула или дрвена лажица. Додадете 1 лажичка сол и продолжете со мешање додека состојките се соединат.
Потоа продолжете да месите со рака околу две минути односно додека се формира мазно тесто. Покријте го тестото со навлажнета памучна салфета и оставете го да одмори на топло место 10-15 минути а за тоа време подгответе ги останатите состојки.
Изрендајте 1 главица кромид на крупната страна од рендето и ставете го во сад заедно со меленото месо. Користете месо по ваш вкус. Дококлу користите само пилешко или говедско месо, односно месо кое е содржи помалку маснотија, во месото додадете 1 лажичка густ јогурт и 1 лажичка путер.
Пиперките, преостанатата половина главица кромид и чешнињата лук ставете ги во кујнски сечко и исчкајте ги на ситно па ставете ги во садот со месото. На крајот додадете го доматното пире и магдоносот, зачинете со бибер, кумин, буковец и сол по вкус и убаво промешајте.
Доматното пире може да се замени со голем свеж домат кој можете да го изрендате или да го исечкате во сечко заедно со другиот зеленчук.
Добиената смеса треба да биде мека како паста за да може убаво да се распоредува врз тестото, па затоа по потреба додадете 2-3 лажици вода.
Тестото префрлете го на набрашнета работна површина и поделете го на 9 дела. Формирајте топчиња па од секое топче расукајте кора во форма на круг со 30см дијаметар. По потреба набрашнете.
Врз кората ставете 1 полна лажица од смесата со месо, распоредете ја врз целата површина и внимателно со помош на набрашнета лопата за пица или даска ставете го лахмаџунот врз загреаниот плех, да се пече 2-3 минути. Повторете ја постапката со преостанатите топчиња.
За совршен вкус, врз испечениот лахмаџун исцедете малку свеж лимон, ставете тенко исечкан црвен кромид и ситно сечкан свеж магдонос.