5 големи јајца
11 лажици шеќер
5 лажици брашно
40 гр. шеќер во прав
600 мл. млеко
2 кесички прашок за пудинг со вкус на јагода
100 гр. маргарин за готвење
450 гр. свежи јагоди
2 лажички екстракт од ванила
Сварете го прашокот за пудинг во 600 мл. млеко, засладено со 6 лажици шеќер. Густиот пудинг истурете го во поширок сад, покријте го со најлонска фолија за да не фаќа кора така што фолијата ќе ја допира површината на пудингот и оставете го да се излади на собна температура.
За тоа време вклучете ја рерната да се загрее на 200°C и почнете со подготовка на пандишпанот.
Внимателно одвојте ги жолчките од белките. Белките ставете ги во сад за матење и матете ги со миксер додека добиете цврст снег. Потоа во нив додадете го шеќерот лажица по лажица.
Ставете една лажица шеќер па мешајте внимателно со силиконска шпатула додека шеќерот се соедини со белките па повторно додадете една лажица шеќер и продолжете со мешање. Повторете ја постапката додека го искористите целиот шеќер па потоа на истиот начин додадете ги и жолчките, една по една со континуирано мешање.
Кога ќе завршите со жолчките, во садот додадете го екстрактот од ванила и почнете да го додавате брашното на истиот начин, ставете лажица брашно па промешјте. Продолжете го начинот на мешање како со преостанатите состојки.
Добиената смеса ставете ја во плех претходно обложен со хартија за печење, добро израмнете ја површината и ставете да се пече на 200°C, околу 13 минути односно додека пандишпанот добие златникава боја.
Испечениот пандишпан извадете го од рерна и врз него наросете шеќер во прав. Потоа превртете го врз дебела, памучна, кујнска салвета врз која исто така сте наросиле шеќер во прав.
Полека отстранете ја хартијата за печење и свиткајте го пандишпанот со кујнската салвета во ролат. Внимавајте крајот на ролатот да биде од долната страна. Така свиткан, ставете го пандишпанот на решетка за ладење целосно да се излади.
Додека пандишпанот се лади, пенасто изматете го маргаринот со 1 лажица шеќер во прав. Потоа во маргаринот додавајте од изладениот пудинг лажица по лажица притоа континуирано матејќи со миксерот. Матете се додека не го потрошите целиот пудинг.
Со добиениот крем, премачкајте ја целата површина на пандишпанот (оставете од кремот неколку лажици во сад на страна доколку сакате да го премачкате ролатот и врз самата површина.). Врз кремот наредете ги јагодите кои претходно сте ги исечкале на кришки.
Совет: Кремот и јагодите не ги нанесувајте до самите краеви за да избегнете неред при виткање на ролатот.
Полека и внимателно свиткајте го ролатот, премачкајте го со крем или наросете го со шеќер во прав и декорирајте по желба. Ролатот ставете го да се лади во ладилник најмалку 2 часа пред да го послужите.