450 + 350 гр. свежи или замрзнати цреши
240 гр. брашно
190 мл. ладна вода
200 гр. шеќер
¼ лажичка сол
Црешите поделете ги на половинки и исчистете ги од семките. Потоа 350 гр. од црешите ставете ги во сад на страна, тие ќе ви требаат за подготовка на компот.
Преостанатите ставете ги во друг сад и во нив додадете 100 гр. шеќер. Промешајте и оставете ги така да стојат околу 1 час за да ја испуштат вишокот на течност. За тоа време замесете го тестото за варениките и подгответе го компотот.
Во длабок сад на оган ставете ги црешите за компот да провријат заедно со 100 гр. шеќер и 1 лажица вода па намалете ја температурата и оставете ги црешите да се динстаат околу 15 минути односно додека течноста се редуцира и згусне. Тргнете го садот од оган.
Во мал длабок сад ставете ги брашното и солта па додадете ја ладната вода. Мешајте со дрвена лажица додека се впие водата а потоа продолжете да месите со рака додека добиете мазно тесто.
Тестото поделете го на две топки па едната топка завиткајте ја со најлонска фолија за да не се суши а другата расукајте ја во тенка кора со максимум 4 мм. дебелина (по потреба набрашнете). Потоа со помош на кружна модла за колачиња или чаша, од кората исечете кругови со дијаметар 7см. Остатоците од тестото соберете ги и ставете ги на страна.
Во центарот на секое парче тесто ставете по две половинки цреши па внимателно превиткајте го секое парче на половина и убаво притиснете ги краевите за да не ви излегува полнењето (како панцерота). За подекоративен изглед можете да ги поминете краевите со вилушка или пак да ги штипкате краевите со прсти доколку сакате да имаат брановиден завршеток.
Оформените вареники наредете ги на хартија за печење во еден слој и покријте ги со најлонска фолија за да не ви се залепат и исушат додека ги подготвувате преостанатите.
Повторете ја постапката со преостанатото тесто, а остатоците соберете ги сите на едно место и повторно расукајте. Од оваа количина на намирници излегуваат околу 45 парчиња.
Оформените вареники ставете ги да се варат во широк длабок сад со зовриена, посолена вода. Варете ги додека испливаат на површината. Доколку ги варите во помал сад тогаш поделете ги на два-три дела.
Сварените вареники исцедете ги и ставете ги во чинија за послужување. На крајот врз нив ставете од компотот и по вкус наросете ги со шеќер. Послужете ги додека се топли.